Со пригодна свеченост, Општина Делчево одбележа 122 години од смртта на македонскиот револуционер и патрон на градот Гоце Делчев, кој на денешен ден во 1903 беше убиен од турската војска во селото Баница. По тој повод, пред споменикот на револуционерот во центарот на градот се поклонија и цвеќе положија делегација од Општина Делчево, како и претставници на политички партии, институции и здруженија на граѓаните. Во рамки на одбележувањето, членовите на КУД „Гоце Делчев“ прочитаа реферат за животот и делото на Делчев.
-Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. По убиството во 1903, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје, истакнаа за животот и делото на великанот пред присутните членовите на КУД „Гоце Делчев“ Делчево.
Деновиве се навршија 75 години од именувањето на градот по големиот македонски револуционер Гоце Делчев. Градот кој порано го носел името Царево Село. Името се изменува во Делчево откако на 23 април 1950 година по указ на тогашната Владата на Народна Република Македонија по што во градот се забележува интензивен економски, културен и општествен развој кој Делчево го направи модерен град, достоен да го носи името на великанот на борбата за независна македонска држава Гоце Делчев