Со полагање цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Струмица беше одбележана 122 годишнината од загинувањето на апостолот на македонското револуционерно движење.
За животот и делото на Делчев говореше градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
- И ако денес некој ве праша: „Која земја му е дом на Делчев“, одговорете му: „Тоа е земјата за која се борел. Тоа е земјата за која загинал. Тоа е земјата во која се наоѓа неговото вечно почивалиште. Тоа е Македонија. Но, Гоце нема да го најдете само во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Него ќе го најдете и во секое срце македонско, во секоја душа македонска, на секоја педа македонска земја“, рече Костадинов.
Цвеќе пред споменикот положија членови на Советот, претставници на политички партии, пратеници и здруженија од општината, а стихови инспирирани од делото на Делчев рецитираа членови на рецитаторската секција при Домот за деца и млади „Благој Јанков Мучето“.