Во Штип, градот каде што учистелствувал идеологот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев денеска се одбележаа 122 години од неговата смрт. Делегации и претставници на општината, државни и локални институции, Здруженија на граѓани и политички партии положија цвеќе пред спомен релјефот на Гоце Делчев поставен на училишната зграда во штипско Ново Село, каде учителствувал, а сега е ректорат на Универзитет „Гоце Делчев“ (УГД).
Универзитетската професорка на Филолошкиот факултет при УГД-Штип, Ана Витанова Рингачева во беседата за Делчев истакна дека 4 мај 2025 е многу поинаков од сите други досега, оти болката денес е поинаква, поболна и од најболната за којашто како народ знаевме. Таа истакна дека тргадедијата во кочанската дискотека „Пулс“ како народ колективно се поместивме во времето назад, и какошто вели во времето на нашиот првобитен пад и станавме отпадници од самите себе.
- Денес учителу, сакам да ти зборувам за една младост која како и ти имаше своја борба, свој сон.Но, во шеснаесеттиот ден на цутар до темел изгоре цел еден надежен свет, гранките останаа оголени, обесчедени, оти една страшна, скоро митска незапирлива сила в час ги попари младите ластери, пупките на сè уште нерасцутената пролет. Знаеш учителу, чедата родени со ѕвезда на челото и месечина на градите имаат две мајки, едната што ги родила, како Султана твоја и другата што ги зема во прегратка за да ги чува најблиску до срцето, е таа Македонија се вика, рече Витанова Рингачева во својата беседа за македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Во зградата на ректоратот на УГД-Штип има спомен соба и можат да се видат училишните клупи во времето кога Делчев ги учел учениците во штипско Ново Село, старата населба, во која се родени повеќе истакнати личности, академици, доктори, револуционери.