Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски попладнево се сретна со претставници на оризопроизводителите од општина Чешиново-Облешево, кои претходно организираа протест и го блокираа магистралниот пат Кочани – Штип.
На средбата земјоделците го искажаа незадоволството од состојбата пред почетокот на овогодишната сеидбена сезона на оризот, нагласија дека таа е хаотична и голем дел од нив сѐ уште не знаат дали ќе добијат вода за полнење на своите ниви.
Министерот Трипуновски информираше дека се прават максимални напори за исполнување на планот за наводнување, при што ќе се води контрола за распределбата и рационалното користење на водата. Тоа ќе важи и за индивидуалните земјоделци, но и за претпријатијата кои се занимаваат со производство на ориз.
-Капацитетите на водостопанската подружница „Брегалница“ во Кочани ќе бидат зајакнати во овој период со цел да има правилно користење на водата. Тоа значи дека треба да важат истите правила и за земјоделците и за сите правни субјекти кои би користеле вода, истакна Трипуновски.
Во врска со исплатата на дополнителната субвенција за предадени количини оризова арпа, нагласи дека финансиската поддршка се реализира според планот и земјоделците ќе ги имаат парите на своите сметки токму кога најмногу им се потребни.
- Минатата недела беа исплатени средствата од првиот рок што беше опфатен за предавање на арпата и 761 корисник добија по шест денари дополнителна поддршка преку интервентниот фонд, односно беше исплатена сума од околу 50 милиони денари. Ветувањето е дека мерката ќе продолжи да важи и во наредниот период бидејќи барањето на земјоделците беше парите да ги добијат во екот на сеидбата за да имаат средства за подготовка, додаде Трипуновски.