Во Штип на шеталиштето „Ванчо Прќе“ од 16 до 18 мај ќе се одржи „ Shtip Street Food Festival“ информираа на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и организаторите. Јорданов рече дека овој фестивал прв пат ќе се одржи во Штип, а претходно ваков фестивал се организирал во Скопје. Штипјани освен што ќе вкусат улична храна од целиот свет, ќе уживаат и во музика и низа настани.

-Од 16 до 18 мај Штип ќе биде домаќин на уште еден настан ,,Shtip street food festival“, нешто кое што за прв пат ќе се оддржи и случи во нашиот град. Навистина ми е задоволство што во нашиот град се случуваат се повеќе настани со кои што се анимират не само нашите сограѓани, туку верувам и сум сигурен дека ќе има и доста гости и од страна. Она кое што сакам да го споделам е дека иницијативата произлезе од претходна организација на еден ваков настан во главниот град во Скопје, по предлог на Миро и дојдовме до идеја, улицата „Ванчо Прќе“ да биде локација на која што ќе се оддржи овој настан, изјави Јорданов.

Даниел Симоновски организатор на фестивалот вели дека фестивали од ваков тип одамна се дел од културата на светските метрополи – па, како што нагласува, зошто да не и кај нас.

-Ова се фестивали кои ги негуваат сите светски метрополи, па така се и роди идејата да започнеме и ние со настаните во Скопје. Започнавме некаде со помали разлики и затоа видовме дека заинтересираноста кај луѓето за овој тип на настани е огромна, рече Симоновски.

Миро Кацаров водител и организатор вели дека фестивалот не е само за храна и пијалок, тука и за добрата музика.

-Ќе вкусиме храна, пијалоци, ќе има бендови. Се погриживме во петокот да биде биде како афтер ворк. Штип се спрема за три дена полни со вкусови, звуци и урбана енергија, вели Кацаров.

Просторот на шеталиштето ќе биде уреден за посетителите, со што штипјани и граѓаните од источниот регион можат да уживаат во вкусовите на уличната храна од речиси цел свет.