Во дебарското село Рајчица се одбележа патронот на манастирот „Свети Георгиј Победоносец“. Во манастирот најпрво беше одржана Утрена богослужба, а потоа Божествената архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше неговото преосвештенство, епископ Антаниски г. Партениј, заедно со архимандритите и јеромонасите од Свештената бигорска Обител.

-Му вознесуваме благодарност на човекољубивиот Бог, кој и годинава нè удостои да го празнуваме чесниот спомен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец – тој преславен дијамант меѓу светиите, украс на Црквата Христова и постојан застапник на верните. Голема е славата на Свети Георгиј и огромни се љубовта и почитта што Христијаните од сите краишта на светот ги покажуваат кон него. И навистина, љубовта на Црквата кон овој Великомаченик се потврдува преку безбројните храмови што се изградени во негова чест. И не само храмови, туку и цели земји и држави се именувани според неговото прославено име, рече владиката Партениј.

Меѓу другото, владиката посочи дека „Христос дојде да ги собере сите народи во едно тело, во едно Царство, во едно срце".

- И овде, во овој крај исполнет со различни народности и јазици, ние сме сведоци на тоа чудо. Иако, за жал, денес православните во Дебар едвај можеме да се наречеме малцинство – та, толку сме малку – сепак, заедно со нашите браќа Албанци, со Македонците од исламска религија, со Турците, со Ромите и со останатите живееме во мир, со почит, со взаемна солидарност. А тоа не е само плод на човечки сили, тоа е, пред сè, плод на молитвата на Светиот, нагласи тој.

Тоа, рече, е неговата невидлива, но силна рака којашто нè држи заедно и што ги омекнува срцата дури и на оние што не го познаваат Христа, но чувствуваат нешто свето и величествено кога ќе се приближат до ова место.

Празнувањето на споменот на Великомаченик Георгиј Победоносец трае три дена, почнувајќи од вчеравечер и денеска во Рајчица а завршувајќи утре во Струга, со традиционалната литија низ градот со неговите свети мошти и со неговата чудотворна икона.

И синоќа и денеска бројот на верниците беше голем. Покрај жители од Дебар, тука беа и поранешни жители и нивни потомци од ова село кои денес живеат во други градови во земјава, од каде исто така присуствуваа бројни верници.

Манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ е женски манастир и се наоѓа на околу два километра од Дебар.

Првиот храм кој се наоѓал на истото место каде што е денешниот е направен во XVI век, кој пак, е изграден во XIX век, 1835 година како метох на Бигорскиот манастир. Тоа е времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник.

Црквата била зографисана и живописана во периодот од 1840 до 1852 година, од зографот Михаил и монахот Данил од Бигорскиот манастир, додека долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зограф од Тресонче. Пред почетокот на Втората светска војна монашкиот живот овде запира. Од 1999 година благодарејќи на иницијативата на г. Партениј, тогаш игумен на Бигорскиот манастир, манастирот беше возобновен, а и реорганизиран во женски манастир кој и денес е под духовно раководство на епископот Партениј. Од 2003 година раичката Обител се удостои да добие дел од светите, благоухани и исцелителни мошти на Великомаченикот Георгиј, кои се тука благодарение на отец Партениј.

Уште истата година во Солун е изработено сребрено ковчеже во вид на рака во кое моштите се изложуваат за поклонение. За раката е специјално изработена и дополнителна украсна кутија во вид на црква