Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска во просториите на Министерството на 54 здруженија додели договори во вкупен износ од 10.094.050 денари за промотивни активности од областа на земјоделството и руралниот развој во Македонија за организирање на локални манифестации и саеми.

-Нашата цел како Министерство е да ги поттикнеме здруженијата да организираат повеќе локални манифестации, саеми, фестивали каде што нашите македонски производи ќе се промовираат. Освен храната, ќе можат да се истакнат и малите фарми, производителите, задругите. Токму ваков вид на настани ќе ја придвижат и домашната економија, истакнал министерот при доделување на договорите.

Како што соопшти МЗШВ, тој посочи дека со манифестациите ќе бидат опфатени сите региони од државата, бидејќи секој дел од Македонија е препознатлив и посебен сам по себе.

-Традиционалната храна да ја доближиме до помладите, само така ќе ја сочуваме нашата автентичност и препознатливост, истакна министерот Трипуновски.

Министерот при своеото обраќање додал дека со одржување на локалните манифестации, фестивали и саеми, домашните производи можат да ги вкусат и туристите, со што ќе бидат прочуени и по другите земји.

-Да работиме заедно, сплотено, да бидеме препознатливи во регионот и светот по квалитетната македонска храна, порачал тој.