Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците. Иван Стоилковиќ денеска остварил работна средба со делегација од Република Србија, предводена од министерот за култура Никола Селаковиќ. На средбата присуствувала и српската амбасадорка Невена Јовановиќ, соопшти Министерството за односи меѓу заедниците.
Во рамки на средбата биле разгледани повеќе актуелни прашања од заеднички интерес, со потенцијал за натамошно зајакнување на пријателските и традиционално добри односи меѓу двете земји. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на стратешката соработка и развојот на партнерства во различни области, особено во контекст на капитални инвестиции и реализација на заеднички проекти од стратешко значење.
Двете страни размениле мислења и ставови и за тековните политички и економски состојби во двете држави и регионот, при што била потенцирана подготвеноста за продолжување на редовниот политички дијалог на највисоко ниво. Воедно, била нагласена важноста од координирани активности за поттикнување на демократскиот развој и забрзување на економската трансформација преку стабилна и одржлива меѓудржавна соработка.
На средбата биле разгледани и можностите за заеднички ангажман во иницијативи кои придонесуваат за унапредување на положбата на припадниците на немнозинските заедници, со акцент на образованието, културата, медиумската застапеност и дигиталната инклузија. Овие напори, како што се наведува во соопшението, се во функција на градење инклузивно и кохезивно општество, засновано на еднаквост, почитување и заемна доверба.
-Средбата беше оценета како значаен чекор кон унапредување на регионалната соработка и потврда на заедничката волја за продлабочување на билатералните односи преку конкретни и конструктивни иницијативи, се вели во соопштението