Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), во соработка со Еуроконтрол, одржа дводневна работилница во Скопје, посветена на Глобалниот акциски план за спречување на упад на полетно-слетна патека (Global Action Plan for the Prevention of Runway Incursions – GAPRI), како дел од Програмата на европската агенција за безбедност на воздушната навигација, за поддршка на земјите.

Како што соопшти денеска АЦВ, европските експерти пред вработените во АЦВ и воздухопловната индустрија во земјава ги промовирале препораките на GAPRI како за регулаторот така и за аеродромскиот оператор и за давателот на услуги на воздухопловна навигација, со посебен акцент на важноста на нивна имплементација, со цел превенција и ублажување на ризикот од упад на полетно-слетна патека.

- На работилницата e презентирана оперативната средина во однос на GAPRI гледано од перспектива на Агенцијата за цивилно воздухопловство и М-НАВ. Справувањето со ризикот од упад на полетно-слетна патека се прави синхронизирано и во соработка со сите корисници на ПСП. Ризикот е заеднички и истиот бара изнаоѓање на заеднички решенија, во насока на обезбедување безбедно, сигурно и ефикасно цивилно воздухопловство во согласност со европските правила и прописи, укажува АЦВ.

Препораките, како што најавуваат, ќе бидат соодветно избрани, а нивното влијание врз локалните услови детално анализирани, адаптирани и инкорпорирани во Националната програма за безбедност на полетно-слетна патека, проект на Агенцијата за 2025 година.