Од почетокот на пролетта екипите на Итна помош Куманово зачестено интервенираат на пациенти кои бараат помош за убоди од пчели и оси, информираа денеска од здравствената установа.

- Каснувањата од пчели, оси и стршлени се случуваат често. Може да дојде до алергиска реакција. Пациентите знаат дека се алергични од каснувања од пчела, оса и нè информираат. Клиничката слика е проследена со низок притисок, анафилакса, задушување, повраќање, гадење. Тогаш одредуваме посебна терапија, антихистамин, кортикостероиди. Ако алергиската реакција е сериозна се дава и адреналин. Ако не се смири тогаш ги препраќаме на интерно одделение и продолжува болничката терапија, изјави специјалист по ургентна медицина Христина Краиновиќ, лекар од Итна помош Куманово.

Лекарите советуваат при прошетка да се носи облека со долги ракави и ногавици, да се носат обувки. Земјоделците кои работат на нива и алергичните особено треба да бидат претпазливи и да внимаваат на околината.

Во кумановската итна помош се јавуваат и пациенти кои не се алергични, но бараат совети, се жалат на црвенило на местото на убодот и чешање. Стручните советуваат ладни облоги и укажуваат дека црвенилото и чешањето исчезнува за 10 до 15 минути.