Тренерот на Еспањол, Маноло Гонзалез, ја коментираше ситуацијата во која неговиот играч Леандро Кабрера беше исклучен поради удар врз Ламин Јамал за време на синоќешниот пораз од 0-2 во градското дерби со Барселона, по што „блауграните“ станаа шампиони на Ла Лига.

Јамал беше клучен за победата на Барселона. Тој го отвори резултатот во 53-тата минута, а во 79-тата минута го предизвика исклучувањето на Кабрера пред Фермин Лопез да го постигне вториот гол во продолжението. Суперталентот го провоцираше противничкиот играч близу до аутлинијата, а потоа доби удар во стомакот и се струполи на земја. Судијата беше предупреден од ВАР, ја разгледа ситуацијата и му покажа црвен картон на играчот на Еспањол.

Маноло Гонзалез, сепак, верува дека ѕвездата на Барселона претерала и на прес-конференцијата откри што му рекол на теренот.

-Му реков на Јамал да престане да се преправа и да провоцира, тоа е сè. Немаше причина да падне и да се преправа дека се онесвестил. Кабрера го удри, но Јамал претеруваше. Тој е многу добар, но не мораше да се преправа. Кабрера треба да добие само еден натпревар суспензија. Го удри Јамал, навистина, но тоа не е удар што би те натерал да паднеш така. Во Барселона се театрални. Ако ги удриш, тие веднаш паѓаат. Не е во ред да паднеш така, коментираше тренерот на Еспањол.

За обидот на играчите на Барселона да ја прослават титулата на теренот, што брзо беше „згаснато“ од неговиот колега Ханси Флик, тренерот на домаќините изјави дека Германецот бил „господин“.

-Ги собра своите играчи и ги убеди дека е подобро да слават во соблекувалната. Немаше смисла да се создава скандал или да се нервира некого. Тој постапи мудро, додаде Гонзалез.

Пред две години, Барселона ја прослави титулата на стадионот на Еспањол, што доведе до инциденти поради прославите на Каталонците на домашен терен кај нивниот голем локален ривал.