Фудбалерите на Барселона на две кола пред крајот на првенството ја обезбедија титулата во шпанското првенство откако во четврток го победија градскиот ривал Еспањол со 2-0, а раководството на каталонскиот гигант веќе подготви план за летниот преоден рок.
Барселона мора да продава играчи за да ги избалансира трошоците со приходите на клубот и да го исполни правилото за финансиски фер-плеј.
Каталонскиот клуб сака да доведе централен бек, десен бек и десно крило ова лето, кои би биле замена за талентираниот Ламин Јамал.
Сепак, за да го постигнат ова, ќе мора да продадат неколку играчи, објавија денеска британските медиуми, повикувајќи се на шпански извори.
Повеќето од оние кои ќе бидат на трансфер листата доаѓаат преку фудбалската академија на Барселона, „Ла Масија“, а тоа се Ансу Фати (22), Гави (22), Хектор Форте (18), Фермин Лопез (22) и голманот Инаки Пења (26).
Исто така, Барселона повеќе не смета на Роналд Араухо (26) и Пау Виктор (23).