Седумкратниот француски фудбалски Лион е исфрлен во втората лига, откако клупското раководство на денешното сослушување не успеа да го убеди финансискиот регулатор да го спречи административното испаѓање, објавено на 15 ноември.

Раководството на Лион не даде гаранции дека ќе го намири долгот од 175 милиони евра, што резултираше со преселба во понизок ранг на натпреварување.

Лион е во сопственост на американскиот бизнисмен Џон Текстор, кој ги поседува и бразилски Ботафого и белгиски Моленбек во рамките на холдинг компанијата „Игл“, како и акции во лондонскиот клуб Кристал Палас.

Надежите дека Лион може да избегне преселба во втората лига се појавија откако Текстор пред неколку денови во изјава за француските медиуми рече дека се согласил да го продаде својот удел во Кристал Палас на американскиот бизнисмен Роберт Вуд Џонсон, сопственик на фудбалскиот клуб Њујорк Џетс, во договор вреден околу 222 милиони евра. Паралелно со оваа најава, Лион исто така, отпушти околу 100 вработени, ги намали платите на некои играчи и ги заврши трансферите на Максенс Какере и Рајан Черки.

Сепак, Текстор не успеа да го убеди регулаторното тело околу враќањето на долгот.

Лион има право на жалба која доколку биде одбиена ќе отвори место во првата француска лига за Ремс.

Лион седум пати беше француски првак, освојувајќи ги сите седум титули во серија, од 2002 до 2008 година