Масимилијано Алегри, тренерот на Јувентус, ги пофали неговите играчи по големата победа во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите, а посебно го истакна Џанлуиџи Буфон.

Јувентус го победи Монако во гости со 2-0 и се наоѓа пред пласман во финалето.

„Им честитам на моите играчи, ова воопшто не беше лесен натпревар. Монако е исклучително силен, поседува одлична техника. Буфон имаше одлична одбрана при резултатот 0-0. Во важните натпревари каков што е овој, Џиџи секогаш е најдобар на светот“, изјави тренерот на Јувентус.

„Работата не е завршена. Монако ќе дојде во Торино и ќе биде во состојба да нема што да изгуби. Сепак, ова за нас би можело да биде неверојатна сезона ако бидеме концентрирани“, додаде Алегри.

Јувентус е блиску до титулата во Италија, а потенцијално во финалето на Лигата на шампионите би можело да игра против Реал Мадрид, бидејќи тимот на Зинедин Зидан го доби првиот натпревар од полуфиналето против Ателтико со 3-0.