Репрезентацијата на Македонија ги започнува подготовките за натпреварите со Италија и Лихтенштајн. На првиот собир во хотелот „Гранд Плаза“ и на попладневниот тренинг во 18:00 часот ќе недостасуваат Столе Димитриевски, Стефан Ристовски и Езџан Алиоски. Адис Јаховиќ веќе е во базата на македонската репрезентација и ќе го одработи и првиот тренинг со репрезентативните колеги. Селекторот Игор Ангеловски вели дека неговата репрезентација потврди дека може да се надигрува и со најдобрите селекции, се надева дека ќе биде така и во Торино.
-Знаеме каде гостуваме, но моите фудбалери покажаа дека можат да се носат со силни противници. Сите знаеме која е Италија, четирикратен светски првак, тактички се одлични, впрочем, од нив потекнува и добриот тактички фудбал. Тие се мајстори. Мора да дадеме максимум и да одиграме најдобро што знаеме“, изјави Ангеловски.
Марјан Радески вели дека е подготвен за надигрување со Италија. Напаѓачот на тетовска Шкендија вели дека нашата репрезентација ја чека тежок натпревар, против можеби најдобрата одбрана во светот.
-Со нетрпение го чекавме овој собир, не се собравме во репрезентацијата со чувство како да сме на екскурзија, туку да оствариме позитивни резултати со Италија и Лихтенштајн. Не очекува дуел со противник кој ја има најдобрата одбрана во светот. Но, и ние имаме добри напаѓачи, тоа го покажавме во Скопје. На првиот меч не нѐ посака среќата, се надевам дека во Торино ќе биде спротивното и ќе успееме да дојдеме до позитивен резултат“, изјави Радески.