Во Кавадарци денеска беше конституиран новиот Совет на општината. За негов претседател е избран Ристо Сакалиев, кој изјави дека ќе работи во интерес на сите кавадарчани.

- Сите ние 19 советници сме исти, јас не сум повеќе од другите, обврската што ми ја доверија е еден поголем мотив за мене за повеќе работа, рече Сакалиев.

Посочи дека ќе работи чесно и одговорно и оти ќе се раководи од потребите на населението, дека нема да има манипулација кон една или друга страна. Сакалиев додаде дека како носител на независна листа на советници всушност ја претставува третата страна во Советот, која е еднаква со другите две.

Пред вториот круг од изборите, Сакалиев влезе во коалиција со СДСМ.

На седницата беа утврдени мандатите на советниците, по што тие дадоа свечена изјава.