Атлетико Мадрид излезе со соопштение по изјавите на раководството на Барселона дека воделе разговори со првата ѕвезда на „јорганџиите“ - Антоан Гризман.
Претседателот на каталонскиот гигант, Пеп Бартомеу изјави дека клубот во октомври разговарал со претставници на Гризман, и често контактира со лидерите на Атлетико и нејзиниот претседател Енрике Сересо „на многу теми“.
- Ние се уморивме од изјавите на Барселона. Претседател, играч и член на Одборот да разговораат на тој начин за иднината на играч кој има договор, само неколку дена пред финалето на европско натпреварување, е целосно непочитување за Атлетико Мадрид и неговите навивачи, се вели во соопштението, кое е потпишано од директорот Мигел Анхел Хил Мартин.
Тој вели дека ставот на тимот е многу јасен и неколку пати истакнат во јавноста.
- Никогаш не сме преговарале во врска со Гризман, ниту имаме намера да го направиме тоа. Пред неколку дена јас лично, му споделив на претседателот на Барселона дека нашиот играч не е за продажба и ние нема да го продаваме, пишува Анхел Хил.
Истовремено, тој му дал до знаење на Бартомеу дека неговото однесување е несоодветно, особено затоа што цела сезона борбата за титулата беше меѓу двата тима, а тој постојано вршел притисок врз еден од нивните клучни играчи.
- Покрај тоа, му реков дека ако играчот одлучи да го искористи своето право да го раскине договор поради постојан притисок во текот на целата сезона, дека Атлетико ќе бара од Барселона компензација. Мислам дека е доволно. Се надевам дека оваа изјава ќе им овозможи на навивачите на Атлетико да уживаат во овој момент и да се подготват за финалето како што треба, заклучи директорот на „црвено-белите“.