Манчестер Јунајтед соопшти дека долгогодишниот асистент на тренерот Жозе Мурињо, Руи Фарија, на крајот од сезоната ќе го напушти клубот.

Фарија соработуваше со Мурињо од 2001 година и во изминатите 17 години со различни клубови освоија 25 трофеи.

- По многу размислување и со тешко срце одлучив дека е време да тргнам во друг правец. Имам зад себе 17 прекрасни години и неверојатни искуства. Во изминатиов период почувствував дека треба да поминам повеќе време со моето семејство пред да донесам одлука за нов професионален ангажман, истакна Фарија.

И Мурињо не штедеше комплименти за својот долгогодишен соработник за кого вели дека освен професионално го врзуваат и лични, пријателски врски.

- Ќе ми недостигаш пријателе! По 17 години умниот ученик стана фудбалски стручњак подготвен за успешна кариера на главен тренер. Ја почитувам твојата одлука бидејќи знам дека секогаш ќе бидеме заедно, нагласи тренерот на Јунајтед.

Во англиските медиуми Фарија се посочува како еден од можните наследници на Арсен Венгер на клупата на Арсенал, за што тој доби поддршка и од Мурињо, кој смета дека неговиот асистент има професионален капацитет да ја извршува функцијата.