Граѓанските организации од Струмица вечерва се приклучија кон коалицијата „Заедно за европска Македонија“.

На заедничкиот состанок со градоначалникот на општина Струмица Коста Јаневски, тие ја искажаа нивната подготвеност да излезат и да гласаат на референдумот на 30 септември, како и да ги повикаат граѓаните да го направат истото.

Јаневски истакна дека Струмица има одлично искуство и е на врвот меѓу општините во искористувањето средства од европските фондови во изминатиот период.

- Реализирани се повеќе проекти и во оваа прилика ќе спомнам дел од нив: изградба на Пречистителната станица за отпадни води во нашиот град, кој разреши еден долгогодишен горлив проблем за граѓаните од нашата општина, проектот за изградба на пристапен пат, реконструкција и археолошки испитувања на локалитетот Цареви кули, новото крило во СОУ „Јане Сандански“, реконструкција на ООУ „Никола Вапцаров“, ООУ „Кирил и Методиј“ во Дабиле и Детската градинка - Клон 2, Фотоволтажни системи во ООУ „Сандо Масев“ и во две градинки, туристичката трим патека во Банско и уште многу други, истакна Јаневски на средбата со граѓанските оранизации.

Заедно со граѓанските организации ги покани граѓаните на 30 септември да гласаат за европска Македонија и да дадат поддршка на интегративните процеси на Македонија во НАТО и ЕУ, поддржувајќи го Договорот со Грција.