Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски вечерва гостуваше во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија при што посочи дека власта не знае да се справи со КОВИД-19, носи избрзани и неефикасни мерки. А, како последица на купи ден политика од страна на власта граѓаните страдаат.
„Мене ме плаши состојбата која што се случува во здравството. Во Македонија денес има блокирани болници, немате место каде обичниот граѓанин да отиде и да направи тест за КОВИД-19. Граѓаните чекаат по седум – десет дена, некои не ни стигаат воопшто да се тестираат, слушаме и гледаме еден куп повици на социјалните мрежи за помош. До тој степен е отидено здравството во Македонија. За жал таква е реалноста моментално во државата. Тоа е жалното“, истакна Мисајловски.
Мисајловски додаде дека катастрофална е состојбата во македонското здравство, ние немаме капацитет за справување со КОВИД-19. Во здравствениот систем имаме уморни доктори, доста голем број на заразени од медицинскиот персонал, мерки кои не се добри ниту пак ефикасни.
„Кога велам дека мерките не се добри, мислам на тоа бидејќи се воведуваат брзоплето и немаат голема суштина. Со тие мерки на владата не се намалуваат бројките. Тоа значи дека има некој проблем во амите мерки“, појасни Мисајловски.
Мисајловски посочи дека власта бидејќи не знае да се справи со пандемијата вели ВМРО-ДПМНЕ е виновно за се.
„Кога со новата мерка на Филипче не можат да се соберат повеќе од тројца како ќе се спроведат избори во Штип и Пласница. Сето ова ќе им се удри од глава на власта“, потенцира Мисајловски. Мисајловски додаде дека има доста интересна изјава од кандидатот за градоначалник за Штип од СДСМ каде што вели дека тој како доктор ниту прима гости, ниту пак сака некој да му дојде. А, тој човек е сега кандидат за градоначалник и треба да оди на избори.
„ВМРО-ДПМНЕ не се откажа од Штип. Ние само побаравме само да се одложат изборите до оној момент кога здравствената комисија ќе каже да ова е еден момент каде што може да има нормални, фер услови“, појасни Мисајловски.
Во текот на емисијата Мисајловски се осврна и на актуелните случувања со Бугарија. Мисајловски додаде дека за прашање од национален интерес не може само власта да одлучува тука треба да одлучува цела држава, затоа треба сите партии за ова прашање да се сплотат и да постават црвени линии на преговори. Ова прашање ги засега сите граѓани во Република Македонија.
„Зар ние немаме суверинитет, зар ние немаме достоинство. Ние сме држава, мора да опстоиме. За вакви прашања мора заеднички да се разговара. Никој вакви услови не треба да ни поставува посебно во 21 век“, појасни Мисајловски.
Мисајловски посочи за сето ова што се случува на Македонија виновна е владата на Заев, се истрча потпиша договор и прифати заедничка историја. И сега Бугарија ќе ни бара, ќе ни бара нормално бидејќи Заев им ветувал се и сешто.