Иван Јорданов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на вечерашното гостување на емисијата „Заспиј ако можеш“ што се емитува на телевизија Алфа рече дека бројките на заразени и починати од КОВИД - 19 се загрижувачки и оти затоа партијата одлучила да не се оди на избори затоа што нема никакви услови.
„Кога станува збор за граѓаните од Штип тие ја имаат изгубено довербата во општината, во државата. Тоа е така затоа што нема ништо во пракса од ветуваното од власта, ниту на локално, ниту на централно ниво. Избори во Штип има затоа што поранешниот градоначалникот, сега министер Благој Бочварски беше најлошиот градоначалник на Штип“, кажа Јорданов.
Според него тоа што се случува во Штип е само неработење, манипулации и пропаганда. Јорданов укажа дека го тргаат на страна веќе поранешниот градоначалник Бочварски, сега министер, а ставаат или кандидираат лице за кое велат дека е ново, но не е така.
„Нивниот сегашен кандидат го нуди истото она што Бочварски го ветуваше, а не го реализираше“, рече Јорданов.
Јорданов кажа дека ВМРО-ДПМНЕ води непосредна кампања, а во вакви услови на корона криза нема никакви услови за избори, за кампања.
„Кога луѓето се во паника, кога се исплашени за здравјето, кога остануваат без работа секој ден, ние треба да зборуваме за едно техничко прашање, за еден технички осуммесечен мандат за градоначалник“, рече Јорданов.
Пратеникот Јорданов кажа дека додека Болницата во Штип наликува на хорор филм се склучуваат чудни договори меѓу Болницата и фирми кои се на семејството на Бочварски. Јорданов укажа дека има повеќе вакви случаи кои се поврзуваат со Бочварски.
Јорданов посочи дека во собраниска процедура ќе се разгледува предлог буџетот за наредната година, но додаде дека едно е јасно дека станува збор за неодговорно однесување на власта затоа што има историски највиско ниво на задолжување, најниско ниво на капитални расходи. Според него за да се надминат последиците од корона кризата потребна е влада на национален спас, затоа што актуелната влада покажа дека не може да се справи ниту со проблемите во здравството, ниту во економијата.