Членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки на социјалните мрежи објави кратка анализа во однос на моменталната политичка, здравствена и економска ситуација во која се наоѓа Република Македонија.
- Се надевам дека од оваа временска дистанца веќе на сите им е појасно кој е кој на македонската политичка сцена и кој размислува државнички, а кој размислува само за лични и ситно партиски интереси.
Ќе почнам со ред. Отидовме на предвремени парламентарни избори со образложение од власта дека ја победиле короната и дека е безбедно да се гласа. ВМРО-ДПМНЕ цело време предупредуваше дека одлука за избори во услови на пандемија би била погрешна и дека треба да се почека за да се создадат услови за здравјето на граѓаните да не биде доведено во прашање. И наместо како и во цивилизираниот свет да се најде заеднички јазик со опозицијата, да седнат со нас да договориме мерки за да ја извлечеме државата од кризава, власта поита да подели ваучери за летување и за “домашни” производи, да го прелаже народот и да изврши институционален поткуп каков што досега се нема случено. Неисе нека им е.
Според врхушката на СДСМ, една од причините за брзи избори беше и потребата од нормалното функционирање на институциите бидејќи се очекувала експлозија на заразата наесен. Обвинувањата одеа дотаму што дури министрите за внатрешни и за финасии Чулев и Гордана Кочовска од ВМРО-ДПМНЕ секојдневно беа напаѓани за непреземање на мерки и кочење на процес за задолжување од 35 милиони евра кои им биле насушно потребни за борбата со КОВИД 19 (што е апсолутно неточно и со документи беше демантирано). Но ете им требала стабилна влада за да се справела со предизвиците. Неисе нека им е.
Сега сме средина на ноември. Есенскиот бран удира на најјако.
Директори на болници преку фејсбук бараат донации за своите болници, лекари колабираат и страдаат од прекумерни ангажмани, недај Боже да се разболиш и да ти треба транспорт до некоја од болниците зошто нема слободен кревет но и ти треба потврда од болницата дека ќе те примат (!), болните лежат по подови и се борат за боца со кислород која често пати и ја нема, болни собираат парични донации преку СМС за лечење на блиските, амбулантните возила наместо за транспорт на пациенти се користат за купување на цвеќиња, гледаме перење на пари преку реновирање на веќе реновирани делови од болници додека останатите делови од болниците се распаѓаат, лица од помалите места се носат на тестирање и на подолги релации од 80 км и тоа заедно со други суспектни кои не мора да бидат заразени но сепак заради заштеда сите одат на ист трошок (што покасно може да се покаже како фатално)...
Накратко, тоа што го гледаме е резултат на немање на никаква стратегија а реакциите од типот на “купи ден помини” преминаа во “дај Боже да не се случи”. Немањето на визија и одлучност за справување со состојбата е резултат и на тоталното потфрлање на кризниот менаџмент кој воопшто и не е задејствуван и е по принципот на “ако има потреба, ќе направиме”. Прашувам: Кога ќе има потреба за него ако не сега? Сте слушнале ли за дека во државниот систем имаме и Центар за управување со кризи и Дирекција за заштита и спасување? Ги знаете ли нивните надлежности или тие институции ве интересираат само кога треба да се пазарите со ДУИ за директорски места? Толкава неспособност, незаинтересираност, летаргичност од една и алчност, ароганција и отсуство на срам од друга страна немам сретнато досега.
Килавите обиди за релативизирање на состојбите нема да го намалат страдањето. Одбивањето на нашиот предлог за формирање на државна здравствена комисија за КОВИД 19 од страна на власта се покажа како погрешен како и најголем број на одлуки кои се носеа во изминатиов период. Последиците ги живееме сите, без разлика дали сме од едната или другата партија.
И повторно ќе потенцирам за министерот и премиерот, каде се во приказнава, наместо досега да ја имаа направено стратегијата во текот на летото, истата да му беше предложена на Собранието и досега усвоена и имплементирана, тие и тогаш и сега само се сликаат и се фалат со 1 - едно донирано болничко возило во Струмица . Не сакам да поверувам дека такви кадри се' уште не чуствуваат никаква морална или друга одговорност и продолжуваат да манипулираат со масите. А и зошто би чувствувале, се возат во блиндираниот на “М”, околу нив сите им викаат дека се најдобри и тие не можат да видат дека балонот во кој живеат е веќе дупнат и дише од сите страни.
Јас едно имам да кажам, современа Македонија ги живее најтешките мигови од своето постоење, изгубивме повеќе човечки души од скопскиот земјотрес. Кој не ја разбра сериозноста на состојбата во март, јули, а не ја разбира ни сега, ќе ја разбере во месеците кои се пред нас, анализира Ковачки.