Факт е дека ние во моментов ги живееме најтешките денови од историјата на овој народ. Овој народ познава многу предавници кои биле запишани низ историјата како што имало исто така и многи јунаци, меѓутоа сите тие предавници во минатото го забодувале својот нож во грб. Овој најголем предавник на македонскиот народ, боде со неговиот нож директно во срцето. Неговото име е Зоран Заев и историјата ќе го памети како најголем предавник на македонскиот народ.
Од овде од Гостивар му порачувам, Македонија не е негова своина, тој нема право да ја распродава Македонија затоа што тој Македонија не ја поседува. Исто како што и ние не ја поседуваме Македонија. Македонија колку што е наша, исто толку е и на идните генерации кои што ќе се раѓаат и ќе живеат тука. Македонија е исто толку и на оние кои живееле пред нас и го дале животот за оваа земја. Како што Македонија е на Гоце Делчев, на Питу Гули, на Кузман Јосифовски Питу и на сите други знајни и незнајни борци.
Токму од тука му порачувам на Зоран Заев, да си поднесе веднаш оставка, да престане да го срами овој народ, а најмногу од се да престане да ги срами своите две деца. На нив им го остава најголемиот терет и на идните генерации од неговото семејство. Тие ќе бидат запаметени како најголемите предавници на оваа држава. Исто така му порачувам дека Македонија не е неговиот ајвар Мамас, па кога преговара со трговците може да се договара за цена.
Оваа земја нема цена, оваа земја е вечна, така ќе остане секогаш.
Да живее Република Македонија!
Протест на ВМРО-ДПМНЕ во Гостивар, изјава на Гордана Димитриевска Кочовска