Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес конференција по повод 100 дена од владата на СДСМ и Зоран Заев, изјави дека овие 100 дена се најлошите 100 дена на било која влада која досега ги имала во историјата на современа Македонија, а обвини дека поради неспособноста и неодговорно работење на министерот за здравство Венко Филипче и Зоран Заев починале дури 1400 граѓани како резултат на лошото менаџирање со КОВИД пандемијата.
Внимавајте за 100 дена повеќе од 1400 наши сограѓани ги загубија животите поради КОВИД пандемијата и неспособното менаџирање со здравствениот систем. Недозволиво висока стапка на смртност. И точно е дека поради корона кризата секаде состојбата е лоша, но овде смртноста е извонредно висока, државава е 7ма во Светот по степенот на смртност на милион животи, а тоа е така поради неорганизираноста на здравствениот систем, неспособните Филипче и Заев, вели Мицкоски. Претседателот Мицкоски посочи дека ненавременото обезбедување на соодветна заштитна опрема за медицински персонал и здравствени работници резултирало со зголемен број на заразени и починати здравствени работници.
Поради ненавремено обезбедена и несоодветна лична заштитна опрема резултираше е бројка од околу 1800-2000 заразени здравствени работници и десетина починати, рече тој.
Според него, македонскиот здравствен систем е пред крах а тоа најдобро го покажуваат и барањата за помош и донации на граѓаните на социјалните мрежи.
Социјалните мрежи станаа арена за барање на помош и донации со кои се спасуваат животи поради тоа што државното здравство е пред крах, нагласи Мицкоски.