Откако пред извесен период, поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски побара да биде МИТРАТА (круната) на Охридската архиепископија во Охрид која се наоѓа во Софија а сето тоа во име на добрососедските односи, денеска преку својот ФБ профил побара да биде вратен и Черепот на Свети Климент кој се наоѓа во Грција.
- Во духот на пријателството и партнерството, а знаејќи дека СВЕТИ КЛИМЕНТ е словенски (значајно според Преспанскиот договор) просветител, да ја замолиме АТИНА свечено да го врати ЧЕРЕПОТ (главата) на нашиот учител...
ЧЕРЕПОТ на Свети Климент се наоѓа во манастирот Св. Јован Претеча, близу градот Бер (Верија), по течението на убавата река Бистрица...
Манастирот каде е сместен ЧЕРЕПОТ нашиот народ го вика Негушки манастир и бил користен за заштита на населението после големото македонско Негушко востание во 1822 година.
Се претпоставува дека ЧЕРЕПОТ на Свети Климент е украден при пренесување на неговите мошти од црквата Св. Пантелејмон (која Турците ја рушат за да изградат Имаре) во црквата Св. Богородица Перивлепта.
Има и друга теорија, дека ЧЕРЕПОТ е однесен од Охрид веднаш после укинувањето на автокефалноста на нашата Охридска Архиепископија, а украден од монах од манастирот од Бер (Верија) кој дошол во Охрид само со намера да ја изврши кражбата.
Телото на Свети Климент се наоѓа во Охрид, во воозобновената црква Св. Пантелејмон, за каде и самиот светец имал желба да почива. Со воозобновувањето на црквата на Плаошник остварена е можноста Св. Климент да почива онаму каде што посакувал.
П.С. Димитрија Миладинов во 1860 година ќе пише: „Во прочутиот град Охрид не остана нишчо од великиолепие и од стародревности, само свјатите мошти од свјатога Климента – и тије, без свјатата кара (глава) на која стоит златоткаено и бисер, и која у Верија (Бер) Грци ја украдоха и ја држат денеска во обителот свјатога Јоана Продрома…“
П.П.С. Ако Македонија е грчка, или бугарска, или српска, зошто сите три соседи краделе и изнесувале од нејзините светости и богатства..., пишува Димовски.