Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ОК Кисела Вода, Иван Живковски, на својот фејсбук профил го обвини Градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски дека со општината владее урбаната мафија, бидејќи како што вели на „Рампа“ се гради зграда за која нема одобрение за градење.
-Деновиве во Киселa Вода на ул. Невена Георгиева Дуња, непосредно до м.в Стара Рампа без никакво одобрение се прави ископ и почнува да се гради ДИВОГРАДБА – стамбена зграда од 6 ката и 70 стана. Од ископот е попукана улицата, паднати се неколку бандери, има прекин на водоснабдувањето на околните објекти и најважното од се постои сериозна опасност од формирање на свлечиште и рушење на дел од околните згради. Ваквите активности претставуваат сериозно загрозување на имотот и животот на жителите од околните згради и куќи. Животот на 300 жители е доведен во опасност а градоначалникот соучествува во урбаниот хаос, тивко одобрува и мирно си ужива во последните месеци од својот мандат како градоначалник!!!
За жал сето ова се случува во срцето на Кисела Вода а Градоначалникот Темелковски како вообичаено така и сега повторно е нем и слеп на градежните активности, кои активности претставуваат кривично дело бидејќи се работи за изградба на објект за кој НЕ Е ИЗДАДЕНО ОДОБРЕНИЕ ЗА ГРАДЕЊЕ! Само за појаснување, согласно постоечката законска регулатива доколку евентуално се издаде одобрение за градење жителите т.е сопствениците на околните објекти (парцели) имаат право на приговор и водење на соодветна управна постапка доколку не се согласуваат со одобрението, а во меѓу време на локацијата не смеат да се вршат никакви градежни активности!
Филип Темелковски дали поради вашата неодговорност и неспособност повторно ќе ви биде крива опозицијата?? Одговорност мора да има! Ќе си одговарате! Стоп за урбаната мафија во Кисела Вода, стои во објавата на Живковски.