По денешните протести на тутунарите, Претседалот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на социјалните мрежи излезе со реакција. Тој вели дека само тие кои работеле тутун знаат каква мака е додека власта два месеци ги лаже.

- Кочо Рацин во „Тутуноберачите“ ќе напише: “На кантар студен со туч го мерат, а можат ли да го измерат, нашиов тутун — нашава мака нашава солена пот!”.

Велат, само тие кои работеле тутун можат да знаат каква мака е.

2 месеци го гледаме Зоран Заев и надлежните како буквално ги лажат тутунарите водејќи ги кон ѕид, само за да им го откупат тутунот, речиси за без пари. Постојаното лажење и средбите со тутунарите на кои им се ветува сѐ, а потоа ништо не се реализира. Требаше да ги подели земјоделците, за локалните моќници на власта да печалат на маката на чесниот народ.

Додека домашниот тутун седи неоткупен, Владата минатата година дозволи увоз на тутун кој беше поскапо платен од домашниот.

Нема да дозволиме на потта на земјоделците да печалат локалните олигарси, по смена на власта ова ќе биде детално анализирано, не само од министерството за земјоделие туку и од истражните органи. Оваа земја се темели на работливиот народ.

Како човек, но и како лидер на ВМРО-ДПМНЕ давам безрезервна поддршка на тутунарите.

Веднаш Владата да излезе со гарантирана откупна цена и дополнителна субвенција за земјоделците. Сѐ друго е уште една измама на Заев, коментира Мицкоски.