Поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски преку својот фејсбук профил го искоментира приведувањето на десетина граѓани од Орман кои палеле бадникарски оган а за кои МВР преку соопштение јавно се пофали.
Тој го оцени ваквиот чин како директно кршење на Уставот на Република Македонија и загарантираните граѓански права со него.
- Приведувањето на луѓето во Орман, по повод празнување на божиќните празници е директно кршење на Уставот на Република Македонија и загарантираните граѓански права со него...
Се било, ова не било...
Или ќе се застане на пат на ова сега, или се повеќе државата ќе станува опресор...
Би советувал опозицијата да ги направи следните чекори, а потоа, на крај, за се ова да извести на прес конференција:
1. Да поднесе кривични пријави против сите активни спроведувачи на овој чин, наредбодатели и одговорни по хиерархија лица...
2. Да помогне на засегнатите граѓаните да се поднесе тужба до Уставен суд по основ на нарушување на основни човекови права...
3. Да побара морална и политичка одговорност, со конкретни иницијативи до надлежни органи и институции, за сите прекршувања на здравтсвените протоколи на министри и високи функционери во последните месеци...
4. Да ги информира сите меѓународни институции, организации и асоцијации за заштита на човековите права...
5. Да побара произнесување на собраниската Анкетна комисија за заштита на правата на граѓаните...
6. Да побара одлуки по основ на дискриминација од државната Комисија за заштита од дискриминација...
7. Да поднесе пријави за непочитување, а понекогаш и неиздавање на решенија за изолација на високи функционери кои имале контакти со позитивно лице, а не добиле решение за изолација само заради своите функции или изолацијата им траела ден, два или три, сосема различно од она што мораат да го отседат сите останати граѓани...
8. Да организира настани, безбедни реплики на настаните кои ги прават државни функционери, кои ќе бидат провокација и тест за власта дали ќе реагира на луѓе кои не се функционери, а прават постапки исти или слични како што прават луѓето од политичката елита...“, искоментира Димовски.