Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и потпретседателот на партијата Александар Николоски информираше дека е избран од страна на Собранието за претседател на Националниот совет за евроинтеграции, тело кое ги обединува сите клучни фактори во државата во процесот на евроинтеграции.
- Собранието на Република Македонија ме избра за Претседател на Националниот Совет за евроинтеграции, тело кое ги обединува сите клучни фактори во државата во процесот на евроинтеграции и секогаш е предводено од најголемата опозициона партија. Во насока на искажување на јасната определба за членство во ЕУ и побрз почеток на преговори за членство, во исто време и за зачувување на македонските национални интереси, како и засебноста на македонскиот народ, јазик и култура, од денес почнувам серија средби со амбасадорите на земјите членки на ЕУ, објави Николоски.
Николоски додаде дека неговата прва средба како претседател на ова тело ќе биде со Амбасадорот на Полска и дека деновиве ќе има интензивни активности во оваа насока.