На денешната прес конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ нема да признае резултати од фалсификат попис.

„ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната седница на Извршниот комитет, го донесе следниот заклучок: Веднаш, владејачкото мнозинство да го повлече Законот за попис од собраниската дебата и да организира внатрепартиска и внатре државна дебата на целата територија на Република Македонија. Да ги обедини сите политички чинители, сите општествени фактори, за да може да дојдеме до консензуално решение, како треба да изгледа оваа статистичка операција на попис“ истакна Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека доколку тоа не се случи, после очигледната злоупотреба на европското знаменце, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе се мобилизира заедно со граѓаните и ќе поднесе иницијатива до подрачните единици на Министерството за правда, за собирање на потписи за предлог закон кој што ќе биде доставен во Собранието, за поништување на овој закон кој што по насилен пат, планира парламентарното мнозинство да го донесе.

„За ова ги повикуваме сите граѓани без разлика на нивната политичка припадност или неприпадност без разлика на нивната етничка и верска припадност да ни се приклучат и придружат затоа што на Македонија и е потребен попис кој што ќе даде одговор на статистичките дилеми а не повторно попис кој што ќе биде политички и попис кој што нема да даде одговор на прашањата кои што ја засегаат македонската јавност. ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните ќе отпочне иницијатива на собирање потписи во министерството за правда и како резултат на тоа собирање на потписи и таа иницијатива ќе доставиме предлог закон во Собранието со кој што ќе предвидиме поништување на овој закон кој што по насилен пат се подготвува владејачкото мнозинство да го донесе и за ова повикуваме на масовна мобилизација“ нагласи Мицкоски.

Мицкоски на прес конференцијата додаде и дека доколку и покрај тоа и овој предлог закон одлучи владејачкото мнозинство да го игнорира и да ја игнорира волјата на илјадници десетици граѓани тогаш ВМРО-ДПМНЕ јасно кажува дека резултатите од овој попис нема намера да ги признае.

„Доколку и покрај тоа и овој предлог закон одлучи владејачкото мнозинство да го игнорира и да ја игнорира волјата на илјадници десетици би рекол стотици илјади македонски граѓани тогаш ВМРО-ДПМНЕ јасно кажува дека резултатите од овој попис нема намера да ги признае и идните раководители на институции кои што ќе бидат избрани како предлог на ВМРО-ДПМНЕ резултатите од овој попис немаат намера да ги почитуваат. Апелираме на разум апелираме на државотворност и апелираме на консензус општествен и политички пред било што да се дрзнат да направат од владејачкото мнозинство“ потенцираше Мицкоски.