Ние не сме против пописот, но сметаме дека оваа операција треба да биде статистичка, а не политичка. Гласаме закон чија методологија не ја знаеме, а спорен е и двојниот потпис на директорот на Државниот завод за статистика кој е од СДСМ, како и неговиот заменик кој од ДУИ, рече вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во гостувањето на ТВ Сител, Мицкоски напомена дека пописот насилно се турка. ВМРО – ДПМНЕ очекува да ги собере предвидените 10.000 потписи и Иницијативата да биде ставена на пленарна собраниска седница.

За проблемот со Бугарија, Мицкоски оцени дека власта ја доведе државава пред свршен чин и дека она што тој го зборувал пред неколку месеци, за дополнителните барања од бугарската страна, се покажало како вистина.

– Насилно се турка целата работа зашто станува збор за политичка операција, не за статистичка. Ние сме на страна на граѓанството кое е на различната страна од Владата која се обидува да го презентира ова како национална тема, дека некој бил против правата на овој или на оној. Но, суштината е дека ние сме на страната на она што треба да даде одговор како Македонија треба да се развива во иднина. Она што се обидува денеска да го направи владејачкото мнозинство во Парламентот е, би рекол, фино насилство врз граѓаните, опрација која дефинитвно ќе биде политичка. Ние, нормално, треба да се спротивставиме на сето тоа, затоа го одбравме методот што го кажав вчера. Се обидовме преку 40 амандмани да го подобриме текстот, но никој не ги прифати и сега бараме алтернативни решенија, истакна Мицкоски.

Според него, се размислувало и за референдум, но поради принципот на Бадентер, партијата се одлучила за поднесување граѓанска иницијатива.

Во однос на Бугарија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта дека го лаже народот. Рече и дека е подготвен да го прифати гневот што го истураат Заев, Османи и Димитров кон него, само за да се зачува македонскиот јазик и идентитет.

-Отидоа таму, потпишаа договор, а им велевме да не потпишуваат. Еве до каде дотеравме, денес да бидеме блокирани. Што да разговараме? Не доведоа до ќор-сокак. Еве јас сум тој кој што е виновен за се во оваа држава, не е проблем ќе го прифатам сето тоа, само жалам дека тоа што го зборувам е вистина. Тоа го кажа и потпретседателот на владата во соседна Бугарија, тоа го кажа и министерката за надворешни работи во соседна Бугарија дека има дополнителни 12 барања и сега што правиме? Зошто македонската јавност тие барања не ги виде, не заслужуваме? Зошто во јули не излегоа на избори да речат ние сме подготвени да потпишеме дополнителен нон-пејпр или анекс на договор со Бугарија што ќе опфати тоа и тоа, напомена Мицкоски.

Тој ја обвини власта и зашто уште во земјава нема вакцини против КОВИД.

-Јас сакам да се вакцинирам ама нема како. Само ние чекаме вакцини, сите се вакцинираат, рече Мицскоски.

На прашањето за рестриктивните мерки и нивното олабавување, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека нема информации врз основа на што и како се носат.