Заврши мини турнејата која Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски ја имаа оваа недела. Тие во рок од четири дена остварија средби со 3 премиери на Европски држави како и со поголем број на други високи државни функционери.

При првата посета во Унгарија, Мицкоски и Николоски се сретнаа со Виктор Орбан, премиерот на Унгарија, средба на која беа констатирани одличните и пријателски односи кои што постојат помеѓу сестринските партии ВМРО-ДПМНЕ и унгарската Фидес.

На средбата Мицкоски се осврна и на блокираните европски интеграции кои се последица на последното вето на источниот сосед, кое што Македонија ја одалечува од стратешката цел членство во Европската Унија. Лидерот Мицкоски побара поддршка од пријателска Унгарија за одблокирање на патот кон ЕУ и воедно севкупна поддршка за земјава на патот кон европските интеграции.

-Премногу долго државата е заробена во недостаток на реформи, калкулирања и тапкање во место што резултира со оправдана нервоза, но и своевидна фрустрација во исполнувањето на стратешката агенда. Точно е дека македонската влада има огромeн застој во исполнувањето на реформите, неисполнети ветувања, и не до крај посветен пристап кон интеграциите, исто како што е точно дека државата и сите нејзини граѓани не смеат да бидат заглавени поради таквата неспособност на домашната влада, но и недоволната спремност на сите земји членки на Унијата да подадат искрено рака на земјите апсиранти кон ЕУ, подвлече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Во Словенија пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски беше примен на највисоко ниво и оствари средба со Словенечкиот премиер Јанез Јанша.

Тој на средбата размени искуства поврзани со економијата, при што Мицкоски напомена дека рецесијата во која се наоѓа македонската економија резултираше со раст на невработеноста, додека пакетите на помош за економиката не ги дадоа потребните резултати зошто тие освен за гола промоција беа наменети за приземен поткуп без ефект и помош за стопанството.

Економијата е девастирана што е директна последица на неспособноста на владата, граѓаните немаат време за чекање, истакна Мицкоски.

Мицкоски со Јанша зборуваше и за здравствената ковид криза како сериозна закана за сите земји во светот како и механизмите за нејзино надминување.

Словенија има сериозен план за вакцинирање на населението од дури 70 проценти до почеток на летото, би сакал и македонската влада да ги следи ваквите позитивни примери, истакна Мицкоски.

Андреј Пленковиќ, Хрватскиот премиер беше домаќин на делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Мицкоски и Николоски при нивната посета на Загреб. При оваа нивна посета Мицкоски се заблагодари на Пленковиќ за поддршката најавувајќи дека Македонија е подготвена за промени, за борба за обезбедување на иднината, и за рестартирање на општеството.

Ветувањата наспроти делата покажуваат дека Македонија се соочува со растечка сиромаштија, пропадната бизнис клима и галопирачка корупција. Додека регионот и светот се рекордери по успеси и достигнувања, Македонија е рекордер по украдени избори, попис кој е фалсификат во најава, потрошени пари за поткуп, партизирано судство и селективна правда. Сето ова граѓаните ги прави несреќни и е јасен показател дека мора да се променат работите, го информираше Мицкоски Хрватскиот премиер.