И додека во Македонија главна вест последните неколку дена е т.н. „ветинг“ на воени претставници, јавноста беше информирана дека и по една година како членка на НАТО, нашата земја се уште нема испратено воен претставник во седиштето на НАТО поради недобивање на сертификат за пристап до класифицирани информации.

Според пласираните информации во јавноста, полковникот Зоран Секуловски веќе година дена не може да добие одобрение поради ригорозните проверки од страна на НАТО насочени кон минатото на воените претставници и нивната евентуална поврзаност со служби од земји кои не се членки на Алијансата.

Исто така, прозападната власт во Македонија, дури по една година во седиштето на НАТО го испрати Дане Талевски да биде прв македонски амбасадор во најголемата воена организација. Една година по нашиот влез, речиси двете најважни и највисоки претставнички позиции на една земја членка, беа празни.

Во меѓувреме пак, додека власта во Македонија не ја „синхронизира“ надворешната политика со онаа на Европската унија а како пример е фактот што нашата земја не прифатила ниту една од 21 одлука на унијата за санкции кон Русија, а Европската агенда ја темели на изнаоѓање на решение кои тие сами го предизвикаа со Бугарија, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски последниве четири дена беше на мини европска турнеја во три земји од Европската Унија, односно во Унгарија, Хрватска и Словенија.

На средбата со унгарскиот премиер Орбан биле констатирани одличните и пријателски односи кои што постојат помеѓу сестринските партии ВМРО-ДПМНЕ и унгарската Фидес.

На средбата Мицкоски се осврнал и на блокираните европски интеграции кои се последица на последното вето на источниот сосед, кое што Македонија ја одалечува од стратешката цел членство во Европската Унија. Мицкоски побарал поддршка од пријателска Унгарија за одблокирање на патот кон ЕУ и воедно севкупна поддршка за земјава на патот кон европските интеграции.

И при посетата на Хрватска, Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средбата со Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, побарал официјален Загреб да го поддржи одблокирањето на европските интеграции на Македонија, посочувајќи дека покрај ветото од источниот сосед граѓаните не заслужуваат да бидат заложници на неспособната влада на чело со Зоран Заев која не може да испорача резултати.

Помош и поддршка на патот кон ЕУ, Мицкоски и Николоски побарале и од Јанез Јанша премиерот на Словенија особено што Словенија е државата која е идниот претседавач со Унијата. Премиерот Јанша изразил поддршка на Македонија и нејзините евро интеграции како и поддршка за дополнително развивање на сестринските односи со ВМРО-ДПМНЕ како дел од семејството на Европската Народна партија.