Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Бирото за јавна безбедност, во соработка со Европол и Еуроџаст учествуваше во меѓународна истрага, предводена од полициските служби во Германија, а со координирани активности помеѓу полициски служби од Германија, Бугарија, Израел, Латвија, Полска, Шпанија и Шведска.

Во рамки на истрагата, како што соопшти Министерството за внатрешни работи, лишени од слобода се 11 лица (пет во Бугарија и едно во Израел на денот на акцијата и шест лица претходно во Шпанија), извршени се претреси во Бугарија, Израел, Полска, Македонија и Шведска и запленети се бројни електронски уреди и возила, а банкарските сметки се замрзнати.

– Криминалните активности се вршеле во повеќе држави во Европа, а се повразни со вршење на измами во вкупна вредност од 30 милиони евра со злоупотреба на онлајн-трејдинг платформи, криптовалути и перење пари, привлекувајќи ги жртвите преку реклами на социјалните медиуми. Шемата за измама, била организирана главно од израелски државјани, вклучувала центри за повици од Бугарија и Република Северна Македонија, а осомничените ги переле нелегалните профити преку банкарски сметки контролирани од компании со седиште во различни земји на ЕУ, соопшти МВР.

Во текот на истрагата од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика биле преземени мерки и активности со цел идентификација на лица од Република Македонија, кои се дел од криминалните активности и обезбедување на докази.

– Во координација со Основно Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика – Одделение за истраги за компјутерски криминал, како дел од меѓународната координирана активност на вчера во 06 часот изврши претрес, по добиена судска наредба, во дом и деловни простории на А.А.(34) од село Чегране, гостиварско, при што биле одземени предмети кои се поврзани со вршењето на криминалните активности, а лицето е обезбедено, се вели во соопштението.

Од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика – Одделение за истраги за компјутерски криминал, со судски наредби, додаваат од МВР, извршени се претреси на деловни простории на правни лица во Скопје, при што било констатирано дека адресите кои се пријавени во Централен регистар на Република Македонија се лажни и не постојат.


Администратор
14/05/2021 01:25