Вонредните околности наметнати од пандемијата на Ковид19 не беа пречка за средношколците од Гевгелија и оваа учебна година да ја завршат со одржување на традиционалната манифестација насловена „Од најдобрите за најдобрите“.
Годинава таа се одржа во три дела и тоа доделување на сертификати од последните два проекта на Еразмус програмата, доделување на сертификати од проектот „Меки вештини,“ и доделување на благодарници на учениците кои беа прогласени за најуспешни.
Во оваа прилика беше промовиран најновиот број на училишниот весник и брошурата „Животот како уметност“, а како посебно доживување беше дегустирањето на подготвените специјалитети од учениците кои беа на обука во Гран Канарија во Шпанија.
Манифестацијата беше збогатена со настап на училишниот хор,ликовна изложба и пригодни рецитации од страна на учениците.