Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев објави дека става крај на репрезентативната кариера по натпреварот против Холандија на Европското првенство.

– Да, ова е мој последен натпревар во дресот на Македонија. Ова е крај на мојата кариера во репрезентативниот дрес. Мислам дека оваа генерација го направи најголемиот успех во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал, и сметам дека е вистински момент да се збогувам од националниот дрес. изјави Пандев на официјалната прес-конференција во Амстердам.

– На моите соиграчи им посакувам да се пласираат на Светското првенство. Верувам дека можат да го остварат тоа, бидејќи станува збор за фантастични играчи, посочи Пандев.

Натпреварот против Холандија, е со почеток од 18 часот, ќе биде 122. за 37-годишниот Пандев од неговото деби во националниот дрес во 2001 година во мундијалските квалификации против Турција.

Пандев ќе се збогува со националниот дрес како фудбалер со најмногу настапи и најдобар стрелец со во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал со 37 голови, вклучувајќи го и историскиот прв на Европските првенства, што го постигна против Австрија на 13 јуни во рамки на првото коло од групата Ц на ЕУРО2020.

-Среќен сум што сум дел од овој тим, кој направи историја. Едвај чекаме да започне утрешниот натпревар и да дојдеме до позитивен резултат, порача Пандев пред утрешниот последен натпревар на „црвено – жолтите“ на ЕУРО2020 против Холандија.


Администратор
21/06/2021 08:59