Македонската машка јуниорска кошаркарска репрезентација не успеа да го изненади фаворитот Шпанија и претрпе пораз од 62:69 во третото коло на ФИБА „Челенџер“ купот во Скопје.

По стартниот пораз од Хрватска и триумфот над Грузија, македонските кошаркари пружија достоен отпор во натпреварот против силната Шпанија.

Противникот резултатски се одвои со серија од 9:0 на средина на втората четвртина и на полувреме замина со предност од убедливи 37:19.

Македонските кошаркари влегоа во ритам во завршната четвртина и со идентична серија од 9:0 ја намалија негативата на 49:59 на пет минути до крајот на натпреварот.

На 1:08 минути пред последниот судиски свиреж разликата беше уште помала (59:65), но „црвено – жолтите“ немаа сили за комплетен резултатски пресврт.

Во четвртото коло, што е на програмата на 7. август, македонските кошаркари за противник ќе ја имаат селекцијата на Србија, која заедно со Шпанија има максимален ефект од три победи на ФИБА купот во Скопје.


Администратор
06/08/2021 14:43