Искусниот бугарски стручњак Александар Алексиев ќе го предводи актуелниот шампион и освојувач на двојната круна во македонската женска кошарка, екипата на „Баскет Кам”. Со ангажирањето на Алексиев, како што истакнаа од клубот, уште еднаш се потврдуваат високите амбиции за претстојната сезона.

-За своето деби во ВАБА лигата, како и за обидот да се продолжи доминацијата во Македонија, го договоривме искусниот стратег Александар Алексиев кој меѓу другото, бил асистент во речиси сите младински селекции на Бугарија, без разлика дали станува за машка или женска конкуренција. Исто така, претходната сезона има работено во Франција, а тренирал и екипи од Италија, како и еден од најдобрите женски клубови во Бугарија „Берое“, заради што сметаме дека огромен ќе биде неговиот придонес во пресрет на новите предизвици кои ги имаме во ВАБА лигата, истакнаа од клубот од Македонска Каменица.

Претходно каменичанки го ангажираа еден од најперспективни македонски стручњаци Никола Василев, довчерашен тренер на литванскиот прволигаш ,,Џукија”, кој ќе работи како стручен советник во двете екипи од Македонска Каменица, со акцент на женскиот колектив кој има шампионски амбиции, како во домашната кошарка, така и во ВАБА лигата.

Со новите странски и домашни засилувања, Баскет Кам полека фаќа европски терк и веќе десетина дена се подготвува за новата сезона во ВАБА лигата која официјално ќе ја почне на 29 септември со дуелот против Војводина на домашен терен.


Администратор
12/09/2021 16:27