Несериозно и недржавничко однесување на власта е да ризикува во период од година, година и пол да се случат три изборни циклуси бидејќи постои можност претседателските да не бидат успешни, констатира потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
- Според бројките од последниот попис во Македонија активно живеат некаде 1.800.000 луѓе со се деца и млади до 18 години кои немаат право на глас а на избирачкиот список има 1.860.000 граѓани со право на глас. Ако се споредат овие бројки може да се заклучи дека е тешко да се стигне до цензус од 40% во вториот круг на претседателските избори. И затоа со вакво однесување на власта на ДУИ и СДСМ на Македонија може да и се случат три изборни циклуси и целосно замрзната држава цела година. Затоа што ако според нив има прво претседателски па парламентарни, доколку претседателските не успеат ќе треба да се повторат и тоа значи дека на Македонија ќе и се случат три изборни циклуси во една година. Да не заборавиме дека 2025 веќе доаѓаат редовните локални избори и Македонија може да влезе во еден циклус на избори од година и пол каде што ќе замрзне секоја стопанска активност“, посочи Николоски.