Англискиот фудбалски прволигаш Борнмут планира да го откупи назад својот стадион „Виталити“ за да може да го реновира и прошири, објави клубот од Премиер лигата.
Борнмут го продаде својот објект во 2005 година на брокерската фирма Структаден, користејќи ги парите за да ги отплати долговите во време кога настапуваше во англиската трета лига.
Во меѓувреме, Борнмут се етаблираше во Премиер лига и драматично ја подобри својата финансиска состојба. Поради оваа причина, сопственикот Бил Фоли верува дека е време да се купи стадионот назад за да се реновира и прошири.
„Виталити“ е дом на Борнмут од 1910 година и со капацитет од само 11.286 седишта е најмалиот стадион на кој се играат натпревари во Премиер лигата.