Флоријан Вирц (22) е еден од најбараните фудбалери во светот во моментов и е главна цел на неколку врвни клубови. Во трката за неговиот потпис предводи Баерн Минхен, кој е подготвен да му плати на Баер Леверкузен 125 милиони евра, но поранешна легенда на „аспирините“ не верува дека Баварија е вистинската дестинација за германскиот фудбалер.

Јенс Новотни (51), кој играше цела деценија за Леверкузен (1996-2006), период во кој запиша не помалку од 295 натпревари со тимот, вклучително и во тимот што стигна до финалето на Лигата на шампионите во сезоната 2001-2002, во интервју за „Скај“ изјави дека негова главна желба е Вирц да продолжи во Леверкузен и следната сезона, а потоа да се пресели во голем клуб надвор од Германија.

-Секако постојат и други земји со врвни клубови каде што можете да го направите следниот чекор во вашиот развој, со друг јазик и нова земја. Не мислам дека Баерн би бил најдобрата дестинација. Не верувам дека тоа би имало смисла за него. Ако Флоријан оди во нов клуб, очигледно е дека прво ќе мора да се навикне на околината и нема да има резервирано место во стартниот тим. Сепак се надевам дека ќе остане уште една година во Леверкузен, ќе го освои Светското првенство во 2026 година, а потоа ќе замине во странство како светски шампион. Тој има потенцијал да стане играч од светска класа и вистински лидер за германската репрезентација, изјави Новотни.

Сепак, веројатноста тој да остане на „Беј Арена“ следната сезона е доста мала, со оглед на големите имиња кои му се додворуваат. Покрај Баерн, во битката за потписот на Вирц се вклучени и Реал Мадрид и Манчестер Сити, последните два победници во Лигата на шампионите.

Сепак, причината зошто Баварците се фаворити за реализација на овој трансфер е огромната плата што се подготвени да му ја понудат на играчот. Покрај 125-те милиони евра што би му ги платиле на Леверкузен, Баерн е подготвен да му понуди на Вирц иста сума за петгодишен договор. На тој начин, 22-годишниот офанзивен фудбалер би заработувал 25 милиони евра по сезона, исто колку што заработуваат Хари Кејн и Џамал ​​Мусијала, најплатените играчи во Баерн.