Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, ја опиша инфраструктурата на италијанскиот фудбал како „ужасна и дефинитивно најлоша“ меѓу петте најдобри европски лиги.
Во интервју за телевизијата „СпортМедиасет“, кое беше емитувано денес, Чеферин беше прашан за одбиената понуда на стадионот „Сан Сиро“ за домаќин на финалето на Лигата на шампионите и за тековните дискусии во врска со плановите за нов стадион во Милано.
-Фудбалската инфраструктура на Италија е во срамна состојба. Вие сте една од најголемите фудбалски земји, многу пати сте го освоиле Светското првенство, Европското првенство, Лигата на шампионите. Во исто време, меѓу големите земји, имате убедливо најлоша инфраструктура. Искрено, малку сум уморен од овие италијански дискусии за инфраструктурата. Бидејќи сè што гледаме се дискусии, а никаква акција. Клубовите имаат потреба од помош од владата, потребна им е помош од општините. Сигурен сум дека и приватните инвеститори ќе инвестираат. Време е да се направи нешто бидејќи инфраструктурата е ужасна, изјави лидерот на европскиот фудбал.
Легендарниот стадион „Сан Сиро“ во Милано ќе биде домаќин на церемонијата на отворањето на Зимските олимписки игри во февруари 2026 година. А Италија ќе биде ко-домаќин на Европското првенство во фудбал за мажи во 2032 година заедно со Турција.
-Сè уште не сум загрижен за Евро 2032. Мислам дека владата сега сфати дека мора да преземе нешто. Имам голема доверба во Габриеле Гравина, кој е мој прв потпретседател. Тој ќе направи сè што е можно за да го премости јазот со другите 5 најдобри земји, додаде Чеферин на темата.