Микел Артета би можел да го напушти Арсенал доколку клубот не успее да освои уште еден трофеј следната сезона. На ова предупреди Џејми Карагер, кој исто така остро го критикуваше Шпанецот за неговите коментари по елиминацијата од Лигата на шампионите.
Арсенал повторно остана со празни раце откако беше елиминиран во полуфиналето од Пари Сен Жермен, со што заврши петтата последователна сезона без голем трофеј. Последниот успех на „топџиите“ останува ФА Купот во 2020 година против Челси.
И покрај разочарувањето, Артета инсистираше дека неговиот тим бил подобар од ПСЖ во двата натпревари и дека заслужувал да биде во финалето во Минхен. Овие зборови предизвикаа остра реакција од Карагер, кој го обвини Шпанецот дека прави изговори и ги спореди неговите изјави со емотивни коментари од навивачи на социјалните мрежи.
-Некои од неговите неодамнешни јавни изјави звучат повеќе како објави на X (поранешен Твитер) отколку како коментари на сериозен менаџер. Неговите објаснувања за судењето и повредите звучат како евтини изговори. ПСЖ беа убедливо подобриот тим и го покажаа тоа во двата натпревари, напиша Карагер за „Телеграф“.
Поранешниот дефанзивец на Ливерпул нагласи дека секој што ја освојува титулата се соочува со тешкотии и дека Арсенал не е исклучок. Според него, губењето на Родри во Манчестер Сити на почетокот на сезоната имало многу поголемо влијание од кое било отсуство во тимот на Арсенал, но Гвардиола не се пожалил јавно.
Карагер верува дека Артета е на раскрсница. Иако изгради тим со препознатлив стил, притисокот за победа никогаш не престанува да расте.
-Артета има огромен кредит на доверба - сосема заслужено - и нема притисок од отказ. Но, тој самиот разбира дека трпението не е бесконечно. Ако не освои нешто следната сезона, неговиот наследник ќе биде тој што ќе ги пожнее плодовите од досегашната работа, истакна поранешниот дефанзивец на Ливерпул.