Германскиот крилен напаѓач Лирој Сане (29), чиј договор со Баерн истекува на крајот на јуни, најверојатно ќе остане во баварскиот клуб, објавија денеска германските медиуми.

Истите извори наведуваат дека иако Сане не беше задоволен од понудата на најтрофејниот германски клуб, позициите на двете страни се приближиле околу продолжување на соработката.

Баерн му понуди тригодишен договор со фиксна годишна плата од десет милиони евра и до пет милиони во бонуси. Сане бараше повисока фиксна плата, но најновиот предлог на неговиот менаџер е блиску до она што го нуди клубот од Минхен. Во двата случаи, Сане би заработувал 15 милиони евра по сезона со бонуси.

Сане ја почна својата кариера во Шалке и се пресели во Манчестер Сити во летото 2016 година. По четири сезони во Англија се врати во Германија, а во јули 2020 година потпиша за Баерн, кој плати трансфер од 49 милиони евра. Оваа сезона Сане постигна 13 голови и додаде шест асистенции.