Мароканскиот играч во редовите на ПСЖ, Ашраф Хакими, е прогласен денеска за најдобар африкански фудбалер во француската Лига 1, откако му помогна на својот клуб да ја освои рекордната 13. титула во националното првенство и да стигне до финалето на Лигата на шампиони.

Дваесетишестгодишниот Мароканец ја освои престижната награда „Марк-Вивиен Фо“ пред напаѓачот на Ница, Еван Гесан од Брегот на Слоновата Коска, и фудбалерот од средниот ред на Стразбур, Хабиб Диара од Сенегал.

Наградата е именувана по починатиот репрезентативец на Камерун и двократен шампион на Африка, кој трагично почина во 2003 година за време на натпревар на неговата репрезентација во Франција.

Хакими постигна гол минатата недела во победата на ПСЖ од 2-1 над Арсенал во реваншот од полуфиналето на Лигата на шампионите и е само вториот дефанзивец кој ја освоил оваа награда, по Шансел Мбембе од ДР Конго.