Мерките за штедење на сите нивоа во Манчестер Јунајтед се видливи и во најновата одлука на клупското раководство со која играчите ќе имаат право на само два бесплатни билети за финалето на Лигата на Европа.

Исто така, играчите ќе можат да купат максимум десет билети за финалето против Тотенхем, кое е закажано за 21 мај во Билбао на стадионот „Сан Мамеш“, објавија денеска британските медиуми. Бесплатните билети се откажани за вработените во Јунајтед, а раководството го оправдува ова со желбата што е можно повеќе билети да им бидат достапни на навивачите.

Манчестер јунајтед и Тотенхем имаат право на по 15 илјади билети.

Медиумите наведуваат дека показател колку далеку ќе одат заштедите во Манчестер јунајтед е и најавата дека доколку „Црвените ѓаволи“ ја освојат Лигата на Европа, нема да има прослава во луксузен ресторан, туку ќе биде организирана скара во тренинг центарот „Карингтон“.

Рестриктивните мерки за штедење почнаа откако британскиот милијардер Џим Ратклиф стана најголем поединечен акционер на Манчестер јунајтед. Најпрво, 250 вработени во клубот беа отпуштени, потоа цената на одредени категории влезници се зголеми, а на преостанатите вработени им беше укинат бесплатниот ручек.

Клубот од „Олд Трафорд“ го освои својот последен европски трофеј во 2017 година, кога го победи Ајакс (2-0) во финалето на Лигата на Европа во Стокхолм