Бундеслигашот Лајпциг го назначи денеска Оле Вернер за нов тренер, потпишувајќи двегодишен договор.
Триесетиседумгодишниот Вернер доаѓа на клупата на Лајпциг, откако последните четири години го предводеше Вердер.
„Оле е млад, ветувачки и многу амбициозен главен тренер кој ќе го направи следниот чекор во својот развој со нас“, рече спортскиот директор на Лајпциг, Марсел Шефер.
Лајпциг ја заврши сезоната на седмото место во Бундеслигата и не успеа да обезбеди пласман во европските натпреварувања за прв пат од 2016 година и нивното враќање во германската прва лига.
„Многу сум задоволен што сега сум тренер на Лајпциг. За време на нашите многу детални дискусии, веднаш беше јасно дека обете страни делат исти идеи за тоа како сакаме да играме и да работиме. Клубот има големи цели и високи очекувања, и токму во таква средина сакам да го дадам својот придонес“, рече Вернер.