Душко Весковски, Претседателот на општинскиот одбор на СДСМ во Карпош, се чини дека е најизвесен кандидат за градоначалник на оваа општина. Веќе подолго време Душко Весковски е актуелен во јавноста преку партиски конференции каде што ја напаѓа работата на актуелниот градоначалник Стевче Јакимовски. Од тоа што може да се забележи Весковски веќе ја започна кампањата на социјалните медиуми а за тоа одбра и слоган: Карпош заслужува повеќе. Друг кандидат кој би можел да биде во игра за ова место како предлог на владеачката партија се споменува името на Анте Поповски, познат на јавноста како колумнист. Во партиските кругови се споменува и името на Магдалена Несторовска која беше координатор на советничката група во Општина Карпош, но таа од неодамна е назначена за Државен секретар во Министерството за внатрешни работи па веројатно ќе остане на оваа позиција и нема да влезе во трката за прва жена на Карпош.

Од друга страна пак во ВМРО-ДПМНЕ се уште се калкулира со името на кандидатот. Според сите информации од опозициската партија повторно ќе настапат со двоецот Јакимовски и Сашо Лазаровски кој е актуелен Претседател на советот во оваа скопска општина, како носител на листа на советници. Доколку се одлучат поддршката да ја дадат на коалициониот партнер, разврската би требало да се движи во оваа насока, доколку пак се решат да настапат со свој партиски кадар, во тој случај извесно е дека изборот ќе падне на Сашо Лазаровски.