Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да ги предложи на Централниот комитет кандидатите за градоначалници за претстојните локални избори, информираше денеска генералниот секретар на партијата, Христијан Мицкоски.
- За Струмица оралниот хирург и член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Бајрактаров. За Петровец, Борче Митевски, актуелен градоначалник. За Велес, Славчо Чадиев, актуелен градоначалник. За Кривогаштани, Тони Заткоски, актуелен градоначалник. За Куманово, Зоран Ѓорѓиевски, хирург и актуелен пратеник во Собранието, изјави Мицкоски.
Изборот на кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори, продолжи тој, се темели на професионалните и лични карактеристики на кандидатите, нивната одговорност и посветеност кон работата, поддршката која што ја имаат меѓу граѓаните во општините во коишто живеат, како и угледот и кредибилитетот кој ќе гарантира спроведување на една одлично подготвена и сериозна програма наменета за таа општина.
Посочи дека, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе работат посветено и одговорно кон сите реални секојдневни потреби на граѓаните. Во тоа бидете убедени, нашите дела, конкретни мерки и проекти и досега се реализираа на државно и локално ниво, и се доказ дека само работата е таа која што движи напред и која што може да придонесе кон подобро утро, изјави Мицкоски.