Работата која носи подобро е нашата главна одлика. Работата е она што не прави поразлични од нашите политички опоненти и работата е она што ја движи земјата напред и ги штити нејзините интереси.

Голем број градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ во изминатиов период ја имаа честа преку напорна работа да ја оправдаат довербата дадена од граѓаните и да ги водат поголемиот број на општини во Република Македонија. На некои од нив тоа им беше прва служба кон народот, некои пак тоа го правеа по втор или трет пат. Независно од времето поминато на чело на секоја од општините, сите имаа сработено значителен број на проекти и инвестиции, сите имаа реализирано огромен дел од своите ветувања дадени пред народот и во корист на народот. Посветено и одговорно, нашите градоначалници вложуваа максимален труд, знаење и способност за да ја оправдаат довербата дадена со мандатот од вас, нашите гласачи и луѓето кои ја ценат нашата работа, посветеност и достоинство.

ВМРО-ДПМНЕ како одговорна и транспарентна политичка партија секогаш излегува со отчет пред народот за сработеното, со детален извештај, што, како и за колку пари е сработено. Во претстојниот период сите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ ќе го претстават отчетот за својата работа и тој ќе биде поделен во секоe семејство, во секој дом, достапен за секого и во хартиена и во електронска форма. Нашиот отчет е наша гордост, доказ за нашата работа посветеност и евиденција како биле инвестирани народните пари.

Работата и отчетноста секогаш биле одлики на ВМРО-ДПМНЕ. Низ нашата работа и посветеност допринесовме за подобра локална самоуправа. За подобри улици, патишта, булевари, канализациони мрежи, училишта, градинки, спортски сали, паркови, локални индустриски зони, и многу многу други проекти. Нашата работа е таа која носи подобар живот во Македонија, подобар живот и подобра иднина. Како и на сите изборни циклуси досега така и сега кандидатите за градоналници на ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори ќе излезат со реална програма исполнета со прецизни рокови, детали и потребни средства за реализација на она што ќе ви го ветиме и она за што ќе ни ја дадете довербата. Вие добро знаете дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која си стои на зборот, партија која она што ќе го вети ќе го реализира. Речено-сторено, или ветено-сработено, сето тоа сме се избориле да важи кога станува збор за дадениот збор на ВМРО-ДПМНЕ. Работата која носи подобро е наш потпис и наш залог за вашата доверба.

Во општините кои одбраа градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ реализирани се преку 10.359 проекти од инфраструктурата, образованието, индустријата, спортот, секојдневниот живот, сите скоро 10.359 проекти си имаат своја сопствена и посебна важност за местото во кое се спроведуваа. Секоја општина е посебна приказна за себе, некои ги затекнавме во полоша состојба, некои ги доведовме на многу пристојно ниво и нивниот развој продолжи. Некаде беше приоритет да се направи канализација, но некаде сосема нормално е нашите градоначалници да градат училишта, индустриски зони и големи булевари. Но и таму, во најмалите општини, каде што се започнало од најбазичното и од најситните проекти, па се до големите градови каде што се реализирале навистина крупни капитални проекти, секој еден градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ работел напорно и посветено за да одговори на ветувањето кое го дал пред граѓаните, пред себе и пред имиџот на партијата. Да, кој работи и греши, но кој постојано и напорно работи секогаш ќе е на правиот пат и ќе стори добро за себе и за граѓаните кои му ја дале довербата. Такви се почитувани сограѓани, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и за тоа говорат фактите.

Решавајќи ги инфраструктурните и комуналните проблеми на граѓаните градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ во своите општини изградија и реконструираа преку 2.170 улици и патишта, односно беше поставен преку 1.750 километри нов асфалт. Се заменија или поставија нови водоводни и канализациони мрежи во должина од 700 километри, а во вредност од 68 милиони евра.

Во соработка со владата, во општините каде што градоначалниците се од ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 4 години се изградија 33 нови основни и средни училишта, а се реконструираа преку 290. Се водеше особено сметка за згрижување и нега на најмалите, па за таа цел беа изградени 28 нови градинки, а се реконструираа преку 85.

Напредокот во спортот и создавањето максимални услови за спорт, секогаш биле на високото место на нашата листа на приоритети. Општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ имаат изградено 24 спортски сали и 399 повеќенаменски игралишта низ цела Македонија.

Се посвети солидна количина внимание и на изгледот на просторот кој граѓаните секојдневно го користат па градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ низ целата држава изградија и оформија 57 плоштади и 142 паркови.

Или, поконкретно еве само дел од поголемите проекти во некои од општините во Република Македонија:

Во градот Скопје се случи револуција во сообраќајната инфраструктура. Се изградија 8 кружни тека, се реконстрираа булеварите Илинденска, Митрополит Теодосиј Гологанов, Србија, Трета Македонска Бригада и Борис Трајковски.

Општина Аеродром има 3 нови градинки, поголем број на паркови, едно ново изградено основно училиште.

Се градеше во Општина Битола реконструирана е спортската сала „Младост“, изградено е Киното „Манаки“, индустриската зона „Жабени“, изграден е нов мост на реката Драгор.

Во Општина Охрид пак се изградија: пешачка патека од каналот Студенчишта до хотелот „Парк“, 4 нови кружни текови, како и нов плоштад.

Во Прилеп направена е нова автобуска станица, градски пазар, комплетно реконструирана е Железничката станица.

Во Велес се изгради индустриската зона Караслари, изградени се неколку нови паркови, извршено е хортикултурно уредување на туристичкиот локалитет „Езеро Младост“.

Во Општина Кавадарци изграден е нов систем за водоснабдување во вкупна вредност од преку 2.500.000 евра, изградена е нова катна гаража со 89 паркинг места, кеј на реката Луда Мара во должина од 1.500 метри и нов градски плоштад.

Во Општина Гевгелија се изгради нов Градски пазар, нова автобуска станица како и нова прочестителна станица за фекални води.

Во Општина Неготино пак е заменета водоводната мрежа во должина од 8 километри, како и изграден е и нов резервоар за пиење во Тимјаник.

Во Општина Кисела Вода се изгради нова градинка како и два нови училишни објекти. Исто така заменета е фекалната и атмосферската канализација во многу населени места.

Во Општина Бутел се изгради основното училиште „Живко Брајковски“, а се реконструираа 6 основни училишта, нова детска градинка во Радишани, и нова спортска сала во Љубанци.

Во Општина Штип пак целосно го уреди коритото на Река Отиња. Се изградија и реконструраа 150 улици и патишта низ Штип, како и новата пешачка зона од населба Ново Село до населба Балканска.

Во Општина Гази Баба пак се игради ново Основно училиште како и нова детска градинка, нова спортска сала се изгради во Ченто.

Ова е само дел од сето она што е сработено во изминатите четири години од страна на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Дел кој е сосема доволен за да застанеме повторно пред вас со дигната глава и пуштена рака, како знак на довербата која ја оправдуваме и која ќе побараме за следниот мандат, а ќе се обидеме да ја оправдаме и во иднина.

ВМРО-ДПМНЕ и на 15-ти октомври пред вас ќе излезе со конкретна програма со детални рокови и потребни средства за нејзината реализација.

Некаде тоа е програма која покрива многу потреби и решава многу проблеми на граѓаните, некаде предвидува унапредување на досега постигнатото и подигнување на нивото на општините на едно сосема нова димензија. ВМРО-ДПМНЕ има конкретни решенија и понуда за сите реални потреби на граѓаните и како и досега, така и отсега продолжуваме напред со граѓанинот на прво место. Кога велиме граѓанинот мислиме на секој жител на Република Македонија независно од неговото, политичко, верско или етничко потекло. Нашата работа, нашата напорна работа и заложби за реализација на проектите и мерките кои ќе бидат реализирани во претстојниот период во местата каде ВМРО-ДПМНЕ ќе ја добие довербата, ќе бидат дела создадени за доброто на граѓаните.

Сите вие знаете како работи ВМРО-ДПМНЕ, а како Социјалдемократскиот сојуз. И сите вие имате јасна претстава кој може најдобро да сработи и да се грижи за потребите и побарувањата на граѓаните и за решавање на проблемите во вашето населено место. А, сите сте исто така многу свесни кој умеел да води грижа и за националните интереси и за кондицијата на државата, а кој започна да ја распродава за неполни 3 месеци на власт. Овој ужас кој и се случува на нашата татковина може да го запрете вие, со пенкалото во рака на 15-ти октомври.

15-ти октомври, почитувани сограѓани е денот кога ве повикуваме во огромен број во сите населени места да ја дадете подршката за кандидатите за градоначалници и советничките листи од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и да им кажете на оние кои што решиле да се коцкаат со националните интереси на татковината каде им е местото и каква е казната од народот за таквите несовесни, неодговорни и неспособни политичари кои наместо работа и напредок носат хаос и на нив не можете да се потпрете.

Ние во ВМРО-ДПМНЕ со граѓаните на избори секогаш сме имале однос на цврста доверба, проверен и докажан низ годините. Па така, силно сме убедени дека нашите граѓани ќе кажат ДА за труд и посветеност, ДА за „Работа која носи подобро“, ДА за заштита на националните интереси на нашата татковина. Да за довербата кон ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и резултатите кои се видливи и наш заштитен знак.